Жителите на Блаце се уште немаат добиено официјално известување за тоа колку ќе им се плати за отуѓување на земјиштето од државата за изградбата на автопатот Скопје – Елезхан. Вака изјави за ТВ21 Авди Ковачи кој е еден од 68 сопственици чие земјиште треба да се отуѓи.
„Ако, нека земат. Јас не знам ништо. Не, не, не стигнало ништо. Јас не сум бил но другите биле. Не ни кажале ништо. За некои е полошо, во близина на куќите им е“, истакна Авди Ковачи.
Но тој вели дека најавите на владата дека земјиштето ќе биде платено од 10 до 50 евра, за него е недоволно. Според него, земјиштето треба да се плати над 50 евра.
„10 евра се ништо. Ние сакаме 50 евра или повеќе. Ние имаме многу. Еден и пол хектар“, додава Ковачи.
Иако се зборува за цена до 50 евра, надлежните од земјава за ТВ21 велат дека таа се уште не е конечна. Се уште се вршат проценки или се анализираат цените на земјиштето од овој дел. Надлежните не сакаат да калкулираат со бројки, бидејќи велат дека со тоа му се наштетува на процесот. Кога коефициентот ќе биде конечен, за истиот ќе бидат известени жителите на Блаце. Доколку не се задоволни, тогаш имаат право да започнат судска постапка но враќање назад нема. Од ЈП Државни патишта велат дека во март ќе започнат работите.
Изградбата на првите 2км ќе ја реализира компанијата Гранит. Оваа компанија, ден пред потпишување на договорот за 2км, отвори конкурс за вработување на 17 лица. Сопственикот Зоран Милковски рече дека има капацитет за реализирање на работите иако во исто време работат на автопатот Кичево – Охрид и Штип – Крупиште.
Во март исто така ќе започне и реконструкцијата на патот кој го поврзува Скопје со генерал Јанковиќ за што ТВ21 известуваше пред неколку дена.