Само оние кои можат да издржат студ дојдоа на училиште. Останатите 15 ученици останаа дома бидејќи во нивното училиште „Имри Елези“ во Чаир веќе неколку дена нема греење. Облечени во јакни ја следат наставата со скратени часови. Наставничката Сејлан Шаќири, вели дека во овие услови тешко се држи настава.
„Не можеме да ја држиме наставата како треба. Многу ученици не дојдоа. Сега само ќе повторуваме. Во ова одделение се 26 ученици, а сега се присутни само 11, што значи дека другите не дојдоа“, изјави Сејлан Шаќири, наставничка.
Директорката на училиштето, Мерита Коџаџику, вели дека училиштето нема греење како последица на недостиг на гориво. Таа изрази оптимизам дека проблемот ќе биде решен најдоцна до утре.
„Бев принудена да ги скратам часовите поради моменталните услови. Денеска и за првата, и за втората смета часовите ќе бидат скратени. Се надевам дека до утре ќе пристигне нафтата. За првата смена, часовите повторно ќе бидат скратени, а за втората не се знае. Ќе почекаме до утре“, изјави Мерита Коџаџику, директорка на ОУ „Имри Елези“.
Портпаролот на општина Чаор, Куштрим Ала, вели дека недостигот на нафтата во училиштето е последица на раскинувањето на договорот со снабдувачот, но како што вели веднаш бил пронајден нов снабдувач.
„Ова се случи поради тоа што постапката со јавниот снабдувач за греење заврши во петокот. Ние како општина бевме подготвени и веднаш спроведовме нова постапка. Во овој период испративме пораки до новиот оператор кој беше избран за оваа работа, кој во текот на утрешниот ден ќе треба да го наполни резервоарот на училиштето со масло за греење Л1“, изјави Куштрим Ала, портпарил на општина Чаир.
Освен „Имри Елези“, денеска и Основното училиште „Лириа“ немаше греење.
Репортер: Африм Јонузи
