ОВА ДОСЕГА НЕ Е НАПРАВЕНО: Со дрон пренесени бели дробови за трансплатација (ВИДЕО)

На крајот на септември, канадскиот хирург д -р Шаф Кешавџи направи нешто што никој досега не го направил. Тој ги транспортирал белите дробови со дрон меѓу двете болници, само неколку минути пред трансплантацијата.

„Докажавме, а тоа е многу важно, дека вакво нешто може да се реализира“, рече д-р Кешавџи.

Со членовите на техничкиот тим работеше цели две години на овој потфат со цел летот на дронот да помине во најдобар ред.

Тој опиша дека за нешто помалку од 10 минути во ноќта, дронот прелетал 1,2 километри над канадската метропола, носејќи ги белите дробови за трансплантација. Дронот полетал од покривот на западната болница во Торонто, и слетал на покривот на Општата болница во Торонто.

После тоа, белите дробови биле успешно пресадени на 60-годишен пациент кој боледувал од белодробна фиброза.

Транспортот на органи со дронот е реализиран во посебен контејнер за ладење, „кој ги одржува термичките параметри на органите“.

„Мислам дека технологијата на беспилотни летала има голем потенцијал и може да стане стандард во здравството“, рече Мајкл Кардинал, потпретседател на Unither Bioelectronics, биотехнолошката компанија која го направи летот.

Д -р Кешавџи истакна дека нивниот следен предизвик е да ја прилагодат постоечката технологија за да ја направат достапна за пациентите ширум светот.

Тој објасни и дека временските услови претставуваат најголемо ограничување за транспорт на органи.

Досегашното искуство сугерира дека постојната технологија за беспилотни летала, која веќе се користи во некои земји за испорака на пакети купени преку Интернет, всушност може да се искористи за подобрување на постојниот систем за транспорт на органи и намалување на трошоците за превоз.