Ова е највисоката елка во светот

Џиновска секвоја што расте на имот во сопственост на „Нешнл Траст“ официјално е прогласена за највисоко живо новогодишно дрво во светот. Дрвото, високо импресивни 44,7 метри, кое се наоѓа во Крегсајд во Нортамберленд, е повеќе од двојно повисоко од статуата „Ангелот на Северот“, а засадено е уште во 1860-тите години. Овој уникатен потфат го евидентираше и тимот на Гинисовата книга на рекорди, пишува Би-би-си.

За воопшто да биде земена предвид за рекорд од страна на Гинисовиот тим, секвојата морала да има два вида украси. Поради тоа, била украсена со повеќе од 1.300 новогодишни светилки и две огромни виолетови машни, соопштија од „Нешнл Траст“. Портпаролот откри дека за украсувањето била потребна работна платформа, а на тројца луѓе им биле потребни два дена за да ги постават сите светилки.

„Секоја сијаличка се проверува внимателно, а потоа се поставува и се прицврстува вертикално за да не се создава преголем притисок врз дрвото“, појаснија тие.

Заслужено признание

Судијата на Гинисовите светски рекорди, Карл Савил, изјави: „Беше привилегија да му се додели на ова дрво признанието што го заслужува.“ Имотот и минатата година го имал највисокото живо новогодишно дрво во Обединетото Кралство. „Постојано се прашувавме дали можеме да направиме уште еден џиновски чекор и да обезбедиме светски рекорд на Гинис… и успеавме“, изјави Стив Хауард, службеник во Крегсајд.

Тој додаде дека во изминатите неколку недели било тешко светскиот рекорд да се чува во тајност. „Сакавме да ја споделиме нашата голема вест во период кога многу луѓе ги поставуваат своите новогодишни дрвца“, рече тој.

Нов рекорд во споредба со претходниот

Станува збор за сосема нов рекорд во категоријата највисоко живо новогодишно дрво. Рекордот за највисоко новогодишно дрво некогаш поставено и понатаму му припаѓа на дрвото поставено во 1950 година во трговскиот центар „Нортгејт“ во Сиетл, САД. Тоа дрво, кое за разлика од она во Крегсајд не било вкоренето во земјата, било високо дури 64,6 метри.