Македонија

Овоштарите од Преспа на протест: „Откупната цена не ги покрива трошоците“

Производителите на јаболка од Преспанскиот регион го блокираа патниот правец Битола – Ресен кај Макази во знак на револт.  Бараат средба со премиерот Заев и министерот за земјоделство Љупчо Николовски. Слабиот пласман на ресенското јаболко е главната причина за протестот на околу 2.000 производителите.

„Во овој момент како што гледате во голем број излегоа на овој мирен протест да го искажат своето незадоволство од проблемот со пласманот на нашето јаболко. За таа цел ние бараме и сакаме да имаме средба со премиерот, а не само средба туку и да ни се одобрат нашите барања кои ги имаме. Доколку за десет дена не добиеме одговор на овие наши барања ние повторно ќе се организираме и овие мирни протести да бидат радикални“.

Тие бараат продолжување до 30 јуни 2019 година на интервентната мерка од 3 денари за килограм откупено индустриско јаболко, која важеше до 25 декември лани. Исплаќање на субвенциите за одржување по хектар за 2018 година најдоцна до март годинава заради тековните активности на терен, исплата на штети од доцните пролетни мразови за 2016 година и дел од штетите за 2017 година. 

„Повеќе од 90% од овоштарите од Ресен, најголемиот дел од производството стои во магацините, без разлика на партии, националност во ова сме обединети и на протести сите ќе излегуваат“, вели Бекири.

Преспанските јаболкопроизводители бараат и трајно решавање на пласманот со јаболката за во иднина да нема вакви состојби, креирање политика и стратегија на подолг рок, изградба на откупно дистрибутивни центри, формирање задруги, како и банкарска гаранција за откупувачите за да не бидат излажани овоштарите.

Меѓу другото тие се соочуваат и со проблеми со осигурителните компании околу проценките на штетите на терен, а имале и проблем со промената на критериумите во ИПАРД огласот за набавка на нова механизација.

За време на протестот два часа, односно од 10 до 12 часот беше затворен патниот правец од Макази кон Претор, а кратко беше блокиран и регионалниот пат Битола Ресен.

РЕПОРТЕР: ЈОВИЦА ПАУНОСКИ

 

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни