Паника во Полска: Аеродромите се затворени, луѓето бараат соборување на руските авиони

Полска ноќеска, поради интензивниот напад на Русија со ракети и дронови врз Украина, ги затвори аеродромите во Љублин и Жешув и ги подигна своите и сојузничките борбени авиони, соопшти Оперативната команда на армијата.

Затворени се аеродромите во Љублин, на истокот од земјата, и во Жешув, на југоистокот, преку кои се пренесува речиси целата западна помош за Украина и кои претставуваат важно логистичко јазло за НАТО.

„Полетаа дежурните парови борбени авиони, а системот за противвоздушна одбрана и радарските системи се ставени во највисока готовност. Овие мерки се превентивни. Силите и системите се подготвени за итна реакција“, објави ноќеска Оперативната команда.

Кај Полјаците, по упадот на дваесетина руски дронови длабоко во воздушниот простор во ноќта на 10 септември и по подоцнежните инциденти кога руски воени авиони навлегуваа во воздушниот простор на некои членки на НАТО, расте убедувањето дека армијата треба да реагира и да ги соборува руските авиони.

Дури 67% од Полјаците, според анкета на информативниот портал Onet.pl, бараат да се соборуваат руските воени авиони кога ќе го нарушат полскиот воздушен простор, додека само 8,7% сметаат дека не треба да се реагира.

Во друга анкета објавена овој викенд, дури 74% од испитаниците изјавиле дека американскиот претседател Доналд Трамп морал поодлучно да реагира на упадот на дваесетина руски дронови во Полска средината на септември.

Јавноста дополнително ја шокираше вчера украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој изјави дека кон Полска таа ноќ биле испратени 92 руски дрона, но дека поголемиот дел од нив украинската армија ги соборила уште над своја територија.

Белорускиот претседател Александар Лукашенко изјави дека некои дронови навлегле во Полска од територијата на Белорусија.

Дека Полска ќе ги соборува руските авиони и дронови кои ќе навлезат во нејзиниот воздушен простор најавија и премиерот Доналд Туск и министерот за надворешни работи Радослав Сикорски.

Туск, сепак, нагласи дека одлуката за соборување на авион ќе биде донесена само ако и сојузниците во НАТО го оценат како закана, а не како грешка или краткотрајна руска провокација.

Читај и ова:

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.