Парламентот на Бугарија денеска со 227 гласа „за“ и ниту еден „против“ или „воздржан“ ја прифати оставката на Владата на премиерот Росен Жељазков.
Жељазков вчера на итна прес-конференција соопшти дека Владата поднесува оставка. Оставката следуваше пред гласањето за недоверба што минатиот петок го поднесе партијата „Промените продолжуваат – Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ), со поддршка од пратениците на „Алијанса за права и слободи“ (АПС) и „Морал, единство, чест“ (МЕЧ).
„Коалицијата ја разгледа ситуацијата. Не се сомневаме дека Владата ќе добие поддршка на претстојното гласање за недоверба. Без оглед на тоа, одлуките на Народното собрание се важни кога ја одразуваат волјата на народот. Моќта доаѓа од суверенот и гласот на граѓаните. Оваа граѓанска енергија мора да се поддржи и охрабри“, изјави Жељазков.
Оставката следува по големите протести предизвикани од контроверзните буџетски планови на Владата. На крајот на ноември, Бугарската Влада го повлече нацрт-буџетот по масовните протести на партиите и синдикатите ширум земјата, како и предупредувањето од Европската комисија дека нацрт-буџетот не е во согласност со буџетските правила на ЕУ.
Протестите ескалираа поради општо незадоволство од корупција, неправда и неуспеси во различни сектори на работењето на Владата.
Жељазков беше избран за премиер на 16 јануари со 125 гласа „за“, 114 „против“ и без „воздржани“.
