Патот кон Козле никако да се среди, за 500 метри асфалт, Богоев неколку пати го одложува рокот

Патот кој води до болницата за белодробни заболувања – Козле, никако да се санира.

Веќе неколку години по ред патот е во иста состојба, со дупки и калдрма која е поставена пред многу години. ТВ21 во април го праша градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, кога ќе се санира патот. Тој тогаш вети дека патот ќе биде среден во јуни.

Сега е крајот на септември, а патот и понатаму е во иста состојба. Денес кога го прашавме Богоев зошто се уште не е решен овој проблем, тој побара трпение и даде нов рок. Градоначалникот вели дека на есен патот ќе биде асфалтиран.

Го прашавме и директорот на ЈП „Улици и Патишта“, Сенат Смаиловиќ. И тој рече дека во текот на годината овој пат ќе биде изграден, но додаде дека треба да се најде алтернативен пат кој води до болницата додека се изведуваат градежните работи.

И додека властите да најдат решение, граѓаните кои секојдневно се движат по овој пат се уште се соочуваат со проблеми.

Во Институтот за белодробни заболувања – Козле, дневно се прегледуваат околу 100 деца од цела Македонија. Болницата е изградена пред четири години, а патот долг околу 500 метри, се уште е во ваква состојба.

Извор: ТВ21