Вистинската правда за трагедијата во Кочани не може да се постигне само преку судските постапки, туку мора да опфати и политичка и институционална одговорност, порача граѓанската активистка Анастасија Павловска во „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Таа изрази незадоволство од досегашното постапување на институциите и од односот кон семејствата на жртвите.
„Не само да имаме правна правда, туку да имаме и политичка правда. Треба да видиме како самите политички структури се оградуваат од сите овие личности и институции кои придонеле за трагедијата во Кочани“, изјави Павловска.
Активистката посочи дека граѓанските иницијативи барале формирање собраниска надзорна комисија, наместо анкетна, бидејќи сметаат дека е неопходен посилен механизам за утврдување одговорност.
Според неа, сите лица за кои ќе се докаже дека имале одговорност за трагедијата мора да понесат соодветни последици, вклучително и кривични санкции и разрешувања од јавни функции.
„Она што го заслужуваат овие родители е да видат максимална поддршка од сите сограѓани, но и од луѓето од другите градови“, нагласи Павловска.
Таа порача дека активистите ќе продолжат да ги поддржуваат семејствата на загинатите во нивната борба за правда.