Случајот во Богданци отвора сериозни прашања за одговорноста на институциите, особено за постапувањето на образовниот систем и социјалните служби, оцени граѓанската активистка Анастасија Павловска во „Ноќно студио“ на 4ТВ.
Таа посочи дека, според информациите со кои располага, 17-годишното девојче цел месец не посетувало настава, што требало да биде сигнал за проверка и навремена реакција.
„Во Богданци имаме случај каде што девојче на 17-годишна возраст, во средно училиште, не се појавувало цел месец на настава. Вие како наставник имате законска обврска да проверите со родителите што се случува“, изјави Павловска.
Според неа, образовните институции имаат одговорност да ги следат ваквите случаи и да ги известуваат надлежните служби доколку постои сомнеж дека детето е загрозено.
Активистката го проблематизираше и начинот на кој се спроведуваат судските забрани за приближување до жртвите.
„Кој ќе го контролира тоа и како ние ќе осигуриме дека таа личност нема во еден момент повторно да се доближи и да предизвика насилство?“, праша Павловска.
Таа побара поголема институционална координација, навремено препознавање на ризиците и конкретна одговорност за евентуалните пропусти.