Европската Унија треба да го забрза процесот на интеграција на земјите од Западен Балкан, наместо само да бара од нив поголема отпорност на современите безбедносни предизвици. Ова го порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на Парискиот мировен форум, каде што учествуваше на панел-дискусија посветена на суверенитетот во услови на хибридни закани.
Таа предупреди дека светот минува низ длабоки геополитички промени, во кои старите модели на функционирање се исцрпуваат, а новите сè уште не се воспоставени. Според неа, ваквите состојби создаваат политички вакуум и дополнителни ризици, особено за Балканот.
Осврнувајќи се на македонскиот евроинтеграциски пат, Сиљановска-Давкова посочи дека Македонија веќе 21 година има кандидатски статус и 17 позитивни извештаи, но сè уште не го започнала преговарачкиот процес.
Претседателката го отвори и прашањето за уставните измени, нагласувајќи дека Уставот не е само највисок правен акт, туку и општествен договор што ја изразува волјата на граѓаните.
„Мојот суверенитет извира од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. И мојот легитимитет исто така“, истакна Сиљановска-Давкова.
Таа предупреди дека современите предизвици, вклучително и вештачката интелигенција, дигитализацијата и хибридните закани, бараат силни демократски институции и почитување на владеењето на правото.
Говорејќи за младите и протестите низ Европа, претседателката порача дека тие мора да бидат рамноправни учесници во носењето одлуки, а не да се гледаат исклучиво како иднината на општеството.
На крајот нагласи дека европската безбедност е неразделно поврзана со стабилноста на Западен Балкан и дека Европа не може да биде целосна без интеграција на регионот.
На панел-дискусијата учествуваа и литванскиот претседател Гитанас Науседа и ерменскиот премиер Никол Пашинјан.