Холандскиот издавач престана да печати книга во која се сугерира дека еврејски нотар ја изневерил Ана Франк, велејќи дека постои двоумење за истражувањето на кое се заснова, се вели во интерната е-пошта обезбедена од Ројтерс.
„Предавството на Ана Франк“, објавено на 18 јануари, предизвика сензација со тврдењето дека истражителите го идентификувале Арнолд ван ден Берг како главен осомничен. Други истражувачи подоцна ги критикуваа наодите, велејќи дека тие се „полни со грешки“.
Издавачот на холандското издание, Амбо Антос, во интерна е-пошта објаснува дека требало да се заземе „покритички став“ за книгата.
Очекуваме одговори од истражувачите на прашањата што се појавија и ја одложуваме одлуката за печатење ново издание“, се вели во пораката. „Искрено му се извинуваме на секој што може да биде навреден од книгата.
Пораката не навлегува во детали во врска со ова прашање и компанијата нема коментар за Ројтерс.
Коментари немаа ниту претставниците на авторката на книгата Розмари Саливан, ниту англискиот издавач Харпер Колинс.
Еден од истражувачите цитиран во книгата, Питер ван Твиск, рекол дека ја видел пораката и дека истражувачите биле изненадени од неа.
„Минатата недела имавме средба со уредниците и разговаравме за критиките и зошто мислиме дека треба да се отфрлат, а се договоривме подоцна да презентираме подетална реакција“, рече тој.
Во книгата се претставени заклучоците од шестгодишната истрага за овој „заборавен случај“.
Ана и уште седум други Евреи биле откриени од нацистите на 4 август 1944 година, откако се криеле речиси две години во таен премин над складиште покрај канал во Амстердам. Сите беа депортирани, а Ана почина во логорот Берген Белсен на 15-годишна возраст.
Нејзиниот дневник е преведен на 60 јазици.
Тим истражители, предводен од пензиониран агент на ФБИ, во кој беа вклучени околу 20 историчари, криминолози и експерти за податоци, го идентификуваа Арнолд ван ден Берг како главен осомничен.
Заводот, основан од таткото на Ана Франк и историчарот Ерик Сомерс од Холандскиот институт за истражување на војната, холокаустот и геноцидот (НИОД), исто така се сомнева во истражувањето.
