Свет

„Печено месо“ како шифра за кокаин – Македонец осуден во Германија за трговија со дрога

„Печено месо“ како шифра за кокаин – Македонец осуден во Германија за трговија со дрога

Основниот суд во Клеве во понеделникот осуди 52-годишен државјанин на Македонија за шверц и трговија со кокаин. Еден од неговите наводни соработници доби условна казна, додека друг не се појави на судењето и ќе се гони посебно.

Полицијата првпат дошла до осомничениот преку, на прв поглед, необична појава – постојани нарачки на „печено месо“ преку телефон. Во ноември 2022 година, по грабеж во градот Ксантен, полицијата од округот Весел го прислушкувала телефонот на еден осомничен. Тој редовно нарачувал „печено“ – понекогаш за 50 евра, понекогаш за 60, а еднаш дури и цела печена гуска за 100 евра. Полицајците брзо сфатиле дека станува збор за шифра, и наместо месо, предмет на нарачките бил кокаин.

Следејќи ја бројката од другата страна на линијата, полицијата дошла до 52-годишен маж од местото Веце, кој потекнува од Македонија. Веселската полиција го проследила случајот до колегите во округот Клеве, кои започнале детална истрага.

Прво ја следеле неговата куќа и гаражата, каде што забележале засилен сообраќај – луѓе кои влегувале и излегувале за неколку минути, типично однесување за нарко-трансакции, според една полициска службеничка. По тоа следелo и прислушкување на телефонот на осомничениот, што дополнително го зајакнало сомнежот. Според истрагата, осомничениот редовно контактирал со дилер од Холандија и договарал предавање на дрогата.

Полицијата извршила две претреси на гаражата, при што се пронајдени различни видови дрога, 4600 евра за кои се верува дека се од продажба на дрога, прецизна вага и мали кеси со затворач – типични за пакување наркотични дози.

Според обвинението, Македонецот во речиси 30 наврати внесувал кокаин од Холандија во Германија, преку граничните премини кај Веце и Гох, во количини од 10 до 40 грама. Дел од пратките биле пренесувани и од неговите соработници, од кои двајца биле фатени со такви количества. Еден од нив, 51-годишен Холанѓанец од Веце, присуствувал на судењето и добил условна казна. Вториот, 56-годишен Грк, не се појавил и ќе биде гоне посебно.

Судот донесе пресуда врз основа на опширната истрага и доказите. Иако деталите за висината на казната за главниот обвинет не се наведени, јасно е дека станува збор за сериозно кривично дело со меѓународни елементи.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни