Македонија и формално ги почна пристапните разговори за членство во најголемиот воено- политички сојуз. Земјата е подготвена да ги прифати обврските што се темелат врз принципите за членство, преземајќи ја целосно посветеноста за учество во структурите и политиките на НАТО. Досегашните 19 акциски планови покажуваат дека Македонија постигна забележителни успеси во реформите што се препознаени од сите земји- членки, вели Националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски.
„Тимовите дојдени овде од сите надлежни министерства и државни органи се подготвени многу одамна за ова. Само го чекавме моментот кој се случи во јули, кога ја добивме поканата, да се отвори овој формален процес, оваа последна фаза, пред се надевам членство во НАТО. Мислам дека ќе го поминеме рутински, бидејќи имаме доста способни луѓе од сите министерства кои си ја знаат својата работа“, изјави националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски.
Дијалогот ќе се одвива во две сесии. Првата се однесува на политичките и одбранбени прашања, а втората е поврзана со ресурсите, безбедноста, правните апскети, како и придонесот на Македонија во заедничкиот буџет на Алијансата.
Македонија на Самитот на НАТО во Брисел во јули годинава доби покана за членство, условена со целосна имплементација на Договорот со Грција. Според најавите, се очекува разговорите да финишираат до крајот на декември, а протоколот да се парафира во јануари идната година.
Официјалниот прием во НАТО ќе се случи по ратификација на документот во националните парламенти на земјите членки на Алијансата.
Анита Димитријевска
