Веќе е извесно дека ќе станеме членка на НАТО и ќе ги почнеме преговори со Европската унија и поради тоа потребно е да покажеме резултати во борбата против корупцијата, истакна претседателот на државата Стево Пендаровски на третата пленарна сесија на Националната конвенција на Европската унија што се одржа во македонското Собрание. Во таа насока Пендаровски посочи дека клучно за правната држава ќе биде исходот од аферата Рекет.
„Оваа афера е круцијален тест за системот на правната држава и затоа треба да се реши темелно до крај. Притоа не заради Европа туку пред се заради нас. Не смееме да толерираме евентуални странични влијанија од било која страна и да доаѓаат. Членството во НАТО и почнувањето преговори со Европската унија се извесни за Република Северна Македонија Многу брзо ќе ги отвориме поглавјата во пристапните преговори и ќе треба да покажеме резултати во борбата против корупцијата ако сакаме натамошен напредок“, изјави Пендаровски.
Поранешниот пратеник на Европскиот парламент Едвард Кукан рече дека очекува во октомври Северна Македонија ќе добие позитивни вести од Брисел, но порача да не се слави бидејќи не чека многу работа.
„Ние сме на само три недели од средината на октомври кога Европскиот Совет треба да ја усвои одлуката за вашата земја што е важно за вашата иднина. Има мнонгу шпекулации за тоа што ќе се случи. Моето лично мислење е дека ќе добиете позитивни вести од Брисел. Немојте да славите кога ќе добиете добри вести, бидете достоинствени и покажете како ќе продолжите понатаму да ги имплементирате реформите“, вели Кукан.
Вечерва и Бундестагот треба и официјално да даде согласност за почеток на преговорите со Европската унија. На седницата на покана на претседателот на германскиот парламент Волфганг Шојбле ќе присуствува и вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи. Тој рече дека очекува дека земјава ќе ги почне преговорите но дека се уште се чека на одлуката на Франција и Холандија.
„Има недоразбирање во Франција или ЕУ дека ние се обидуваме да станеме членка уште утре. Процесот на преговори е долг и може да трае речиси една деценија. Тоа што ние го сакаме е да се вклучиме во неповратен процес на преговори“, рече Османи.
Инаку на денешната сесија на Националната конвенција на Европската унија се обрати и Никола Попоски кој го води Националниот совет за евроинтеграции. Тој истакна дека промените во земјата мора да почнат и забележа дека ги исполнуваме барањата во измени на законите, но тие не се имплементираат. Ја искритикува власта дека преговарачката структура за Европската унија е целосно затворена и дека во неа не учествува и опозицијата.