Свет

Пензионерка ја загуби куќата поради 30 сантиметри земја, спорот за оградата чини стотици илјади евра

Пензионерка ја загуби куќата поради 30 сантиметри земја, спорот за оградата чини стотици илјади евра

Спор меѓу соседите околу ограда и тесен појас земја до неа заврши со тужба вредна стотици илјади евра.

Кога Полин Кларк (64) се пресели во својот дом во идилично село Дорсет, таа замисли мирен живот до пензионирање. Наместо тоа, таа започна петгодишна правна битка со соседката Џени Филд (76) околу оградата и парче земја широко само 30 см.

Кога Полин ја замени оградата во 2020 година, таа ја помести – според соседката Џени, за 30 см. Затоа ја сруши оградата и изгради нова, со цел да „ја врати земјата“. Полин поднесе контратужба – за штета, кражба и упад во сопственост.

Кон крајот на 2022 година, беше донесена конечна одлука во нејзина корист. Џени мораше да плати речиси 14.000 евра отштета и речиси 2.500 евра судски трошоци. Сепак, таа се бореше против оваа одлука со жалби и обиди да ја оспори пресудата. Вкупниот долг така порасна на шестцифрена сума, објавува The Sun.

По бројни тужби, контратужби и жалби, судот донесе конечна пресуда – Џени повторно го изгуби случајот и сега мора да го плати долгот од 132.000 евра. Бидејќи нема пари, ќе биде принудена да ја продаде својата куќа, вредна приближно 490.000 евра, а судот ѝ наложи и да ги покрие дополнителните судски трошоци.

Во својата пресуда, судијата Рос Фентем нагласи дека г-ѓа Филд „го оптоварила судот со стотици, ако не и илјадници страници документи“ и дека нејзиното однесување е „товар за правосудниот систем“.

Тој додаде: „Секој обид за повторно отворање на случајот не успеа. Нема докази за каква било измама. Не верувам дека г-ѓа Филд ќе го плати долгот освен ако куќата не се продаде. Ова е последно средство, но неопходно за конечно да се заврши спорот“.

Во меѓувреме, Полин рече дека целиот процес „ја довел до нервен слом“ и дека стресот ја принудил да побара терапија. „Мислев дека ќе уживам во мир тука, но се претвори во пекол“, рече таа.

Кога ќе се соберат вредноста на изгубената куќа, долговите и правните трошоци, целиот конфликт ќе ја чини Џени речиси половина милион евра – што го прави случајот еден од најскапите спорови меѓу соседите во Велика Британија.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни