Македонија

Перински: Новиот закон за локална самоуправа носи референдумски отповик на градоначалниците, но опозицијата го кочи во Собранието

Перински: Новиот закон за локална самоуправа носи референдумски отповик на градоначалниците, но опозицијата го кочи во Собранието

Измените на Законот за локална самоуправа, кои предвидуваат можност за референдумски отповик на градоначалниците и поголема локална демократија, во моментов се заглавени во собраниска процедура бидејќи опозицијата сè уште нема политичка доблест да обезбеди поддршка за нивно изгласување. Ова го изјави министерот за локална самоуправа, Златко Перински, во емисијата „Ноќно студио“ на „4ТВ“.

Перински појасни дека станува збор за клучен системски закон кој е постар од 20 години и кој мора да се модернизира со цел да одговори на современите услови за функционирање на општините. За негово усвојување е потребно двотретинско мнозинство и поддршка по Бадентеровиот принцип.

Министерот децидно ги отфрли медиумските шпекулации дека законските измени и воведувањето на референдумскиот отповик на градоначалниците се подготвуваат за да се таргетира поранешната градоначалничка на Скопје.

„Ова го направивме во корелација со Европската повелба за локална самоуправа. Генериравме реформски пакет кој не се однесува само на отповикот, туку на процеси кои треба да ја зголемат локалната демократија, да обезбедат двонасочна комуникација со граѓаните при креирањето на буџетите и одлуките на советите, како и да ја зголемат транспарентноста. Дополнително, предложивме и изворна надлежност на општините за комуналниот ред“, истакна Перински.

Тој посочи дека како влада покажале доблест да го предложат отповикот на градоначалниците во време кога неговата матична партија ВМРО-ДПМНЕ имала 42 градоначалници (бројка која по дополнителните избори порасна на 55), со што докажале дека целта е системско подобрување, а не партиски интерес.

Во однос на подготвителниот период, министерот нагласи дека се спроведувал обемен консултативен процес кој траел речиси осум месеци низ целата држава. Притоа, намерно не се брзало со собраниската процедура за да се слушнат сите чинители и да се создаде долгорочно законско решение.

„Имавме регионални средби и комуникација со сите пратенички групи во Собранието. Сите амандмани кои дојдоа од опозицијата, а кои се однесуваа на овој системски закон, беа прифатени од наша страна. За оние амандмани кои не припаѓаа во овој закон, земав обврска лично да разговарам со колегите министри за да се имплементираат во нивните ресорни закони“, појасни Перински.

И покрај максималната конструктивност од страна на Министерството, законот и понатаму е закочен во Собранието. Перински изрази надеж дека опозицијата ќе покаже одговорност за овие измени да стапат на сила што е можно поскоро, бидејќи тоа е во интерес на државата, општините и на сите граѓани.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни