Проблемот во македонското правосудство не се толку лошите закони, колку нивната лоша имплементација и отсуството на политичка волја за суштински реформи, истакна Ивана Петковска од Коалицијата „Сите за правично судење“ во гостувањето на 4ТВ.
Петковска укажа на несфатливите блокади во Собранието, каде што Комисијата за прашања на изборите и именувањата веќе трипати поништува огласи за избор на нов член на Судскиот совет од редот на експертите. Материјалите редовно се повлекуваат од пленарните седници во последен момент, без никакво официјално образложение до јавноста.
Паралелно со политичките блокади, Петковска алармираше и за ограничувањето на транспарентноста при дисциплинските постапки против судиите.
Иако Коалицијата „Сите за правично судење“ е стручна и специјализирана организација за мониторинг на правосудството, со новите законски измена и одлуки на Судскиот совет, на мониторите им се ускратува присуството на дисциплинските седници со бизарно образложение дека „не се стручна јавност“ бидејќи податоците ги користеле за истражувања.