Андреј Петров вели дека нема амбиција да стане претседател на СДСМ и дека целта на платформата „Разговори за иднината во 12:05“ не е преку промените во партијата тој лично да дојде на лидерската позиција.
Во гостувањето во „Ноќно студио“ на 4ТВ, на прашањето дали крајната цел на иницијативата е некој од нејзините претставници да седне на претседателското место во СДСМ, Петров кусо одговори:
„Не сакам да бидам.“
Тој појасни дека има повеќе професионални обврски и активности кои му одземаат голем дел од времето, а водењето политичка партија, како што рече, не е волонтерска работа.
„Имам свои обврски, имам многу работа, имам работи на повеќе полиња што ги работам и реално ми одземаат голем дел од моето време. Претседателството не е волонтерска работа“, рече Петров.
Според него, функцијата претседател на партија подразбира сериозна одговорност и целосна посветеност.
„Тоа е сериозна работа, тоа е најтешката работа што може еден човек да ја има и бара посветеност, но сега јас не сакам“, рече тој.
Петров посочи дека во рамките на иницијативата има и други луѓе кои би можеле да преземат таква одговорност, вклучително и претставници од други генерации.
Сепак, според него, суштинското прашање не е само кој ќе биде следниот претседател на СДСМ, туку дали ќе се промени начинот на функционирање на партијата.
„Клучното прашање не е да правиме козметика на некое мини кадровско решение, сега ќе го преместиме овој од таму. Треба да се смени главата за да може системот да почне да функционира поинаку, да се отвори, да се демократизира, да се отвори за да има млади луѓе“, рече Петров.
Тој оцени и дека СДСМ во моментов има проблем со недоволна вклученост на младите.
„Во моментот сме партија на стари луѓе“, рече Петров, додавајќи дека позитивно гледа на тоа што младите во партијата покажале независност и интегритет при изборот на своето раководство.
Според него, токму демократизацијата, отворањето на партијата и вклучувањето на нови генерации треба да бидат суштината на промените, наместо тие да се сведат само на замена на едно кадровско решение со друго.