Македонија

Електронските услуги поблиску до граѓаните: Отворен нов центар во Струмица

Електронските услуги поблиску до граѓаните: Отворен нов центар во Струмица

Жителите на Струмица и околните општини отсега можат да добиваат помош при користење на 350 електронски услуги на едно место. Во општинската зграда е отворен новиот Центар за услуги – ЕТУ Струмица, кој е 18-ти ваков центар во земјава.

Центарот го посетија министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски и градоначалникот на Општина Струмица Петар Јанков.

Услугите се достапни преку Националниот портал за електронски услуги uslugi.gov.mk, а граѓаните ќе можат да добијат и непосредна помош од вработените во центарот.

Андоновски истакна дека отворањето на центарот е резултат на соработката меѓу Министерството за дигитална трансформација и локалната самоуправа, која го обезбедила просторот.

„Како што ветивме во текот на кампањата и како што разговаравме со градоначалникот, Струмица е во фокусот на Министерството за дигитална трансформација. Големо е задоволството што тука го отвораме 18-тиот Центар за услуги во Македонија. Во одлична соработка со локалната самоуправа, нашите вработени сега се достапни да им ги понудат 350-те услуги од Националниот портал на граѓаните од Струмица и од целиот регион“, изјави Андоновски.

Според министерот, центарот е наменет и за граѓаните кои немаат можност, не сакаат или не знаат самостојно да ги користат електронските услуги од својот дом.

„Секој граѓанин кој не е во можност или не знае како да користи електронски услуги од дома, тоа ќе може да го направи тука, во Центарот за услуги. Уверението за државјанство, потврдите за неосудуваност, за кривична и казнена евиденција, изводите од матичните книги на родени, венчани и умрени, како и услугите од Агенцијата за катастар, се достапни на едно место во Струмица“, нагласи министерот.

Градоначалникот Јанков се заблагодари за соработката со Министерството за дигитална трансформација и изрази очекување таа да продолжи и во иднина. Тој ги повика граѓаните да ги користат услугите на центарот, за кои посочи дека ќе им заштедат време и ќе го олеснат добивањето на потребните документи.

Покрај обезбедувањето пристап до електронските услуги, Центарот има и едукативна функција. Граѓаните ќе можат да добијат насоки и помош за самостојно користење на дигиталните услуги.

Андоновски посочи дека соработката со Општина Струмица продолжува и преку други проекти за подобрување на дигиталната достапност.

„Намената на центарот е и едукативна, а соработката со општините не запира тука. Во Струмица реализиравме и две зони за бесплатен интернет преку проект на ГИЗ и Европската Унија. Во периодот што следи, граѓаните треба да очекуваат новини од соработката на Министерството со општините, секако и со Општина Струмица“, рече Андоновски.

Министерот најави дека до крајот на годината треба да бидат отворени вкупно 20 центри за услуги. Следни на листата се Ресен, Кичево и Гостивар.

„Целта е до крајот на мандатот да стигнеме до секој граѓанин. Ветив дека до крајот на годината ќе имаме 20 вакви центри за услуги и тоа ќе го исполниме. Следни се Ресен, Кичево и Гостивар, со што веќе покриваме најголем дел од градовите во Македонија. Од пролет најавувам и кампања за руралните средини, за електронските услуги да ги доближиме до сите граѓани, бидејќи само во тој случај дигиталните услуги се корисни“, порача Андоновски.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Стефанија Кузмановска и Тодор Конески 10.06.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни