Јапонија распоредила 1.400 пожарникари и 100 припадници на војската во борба против планинските пожари на северот од земјата, кои се шират веќе петти ден по ред.
Површината зафатена од пожарите достигнала 1.373 хектари, што претставува зголемување од седум проценти во однос на претходниот ден.
Пожарите ги загрозуваат станбените делови на градот Оцучи на пацифичкиот брег – град кој изгубил речиси десетина од своето население во една од најголемите катастрофи во Јапонија, земјотресот и цунамито во март 2011 година.
Под наредба за евакуација се 1.541 домаќинство или 3.233 жители, што е околу една третина од населението на Оцучи.
Градоначалникот на Оцучи, Коѕо Хирано, изјави дека иако војската се бори со пожарите од воздух со хеликоптери, сувото време и ветерот дополнително го поттикнуваат ширењето на огнот.
Јапонската агенција за управување со пожари и катастрофи соопшти дека засега само едно лице е повредено, откако паднало во центар за евакуација.
Според податоците на Јапонската метеоролошка агенција, ниту денес ниту утре не се очекуваат врнежи во регионот, но за 28 април е најавен краток дожд.
Причината за пожарите засега не е позната и се наоѓа под истрага.
