Предвремените парламентарни избори во Србија започнаа со голем интерес кај граѓаните, а на повеќе избирачки места редици се формирале уште пред нивното отворање во 7 часот утрово. Републичката изборна комисија (РИК) соопшти дека сите избирачки места се отворени, иако на одредени локации имало помали доцнења поради големиот број гласачи и подготовките на избирачките одбори.
Според известувањата на српскиот јавен сервис РТС, особено голем метеж е забележан пред Хемиско-технолошкото училиште, каде што е организирано едно од десетте избирачки места за граѓаните од Косовско Поморавје.
Голем број граѓани од Косово пристигнале со сопствени автомобили, а меѓу нив има повозрасни лица, млади луѓе, како и семејства со деца кои допатувале за да го остварат своето избирачко право.
Редици се формирале и во Белград. Во градинката „Никола Тесла“, на Булеварот на Црвената армија во Нов Белград, граѓаните пристигнале уште пред официјалното отворање на избирачкото место.
На гласање излезе и Александар Вучиќ, носител на изборната листа „Александар Вучиќ – Обединета Србија“, кој на своето избирачко место во Нов Белград пристигна придружуван од сопругата Тамара.

РИК: Сите избирачки места се отворени, помали доцнења поради големиот број гласачи
Претседателот на Републичката изборна комисија, Владимир Димитријевиќ, на првата прес-конференција, која започна со околу 20 минути задоцнување, изјави дека изборниот процес започнал во предвидениот термин, со одредени помали доцнења на поединечни избирачки места.
Тој повика на трпение и разбирање од граѓаните и членовите на избирачките одбори, нагласувајќи дека очекува гласањето да помине во мирна атмосфера и во согласност со законските процедури.
„Сакам на сите да им посакам успешен изборен ден, гласањето да помине во најдобар можен ред, а тоа зависи од сите нас, од гласачите, но особено од членовите на избирачките одбори“, порача Димитријевиќ.
Тој ги повика членовите на избирачките одбори да го одржуваат редот на избирачките места и строго да постапуваат според законот и упатствата на Републичката изборна комисија.
Повеќе од 6,45 милиони гласачи избираат меѓу 18 изборни листи
Според официјалните податоци, право на глас на денешните избори имаат точно 6.451.292 граѓани, кои можат да гласаат на вкупно 8.392 избирачки места.
Гласачите избираат меѓу 18 изборни листи, на кои се предложени 2.418 кандидати за 250 пратенички места во Народното собрание на Србија.
Гласањето се спроведува од 7 до 20 часот, а Димитријевиќ потсети дека гласањето е лично и тајно.
За српските државјани во странство се отворени 93 избирачки места во 37 држави, додека за граѓаните од Косово се определени 60 избирачки места во Врање, Куршумлија, Рашка и Тутин.
Дополнително, 29 избирачки места се организирани во казнено-поправните установи.
Рекорден број набљудувачи го следат изборниот процес
На денешните избори се пријавени вкупно 16.271 претставник за набљудување на изборниот процес, од 26 домашни здруженија и 57 странски организации, институции, изборни комисии, парламентарни делегации и дипломатски претставништва.
Меѓу нив има 622 странски набљудувачи.
Според Димитријевиќ, бројот на набљудувачи е значително поголем во споредба со парламентарните избори во 2023 година, кога биле регистрирани 5.587 набљудувачи.
Во спроведувањето на изборите учествуваат 50.352 членови на избирачките одбори во постојан состав, а предвидена е можност за ангажирање на уште околу 300.000 претставници во проширен состав.
Во Републичката изборна комисија и локалните изборни комисии има вкупно 6.998 членови во постојан и проширен состав.
Републичката изборна комисија најави редовни прес-конференции во текот на денот, на кои јавноста ќе биде информирана за излезноста на гласачите и за сите случувања на избирачките места.
Димитријевиќ истакна дека РИК ќе биде во постојана комуникација со локалните изборни комисии, избирачките одбори и другите надлежни институции, со цел непречено спроведување на изборниот процес.