Вчера во познатиот зимски туристички центар се одвиваше акција за спасување на македонски туристи на планината Пирин. Во акцијата учествуваа шестмина спасувачи од одредот во Банско и уште петмина спасувачи кои работеле на организација на спасувањето.
Директорот на планинската служба за спасување при Црвениот Крст Емил Нешев, во изјава за радиото „Фокус“ истакна дека однесувањето на македонските туристи било неодговорно и затоа дошло до оваа ситуација.
„Овие акции немаат вредност, и не може и не треба да се зборува за финансии. Во овој случај нарушени се сите правила на однесување на еден турист. Тие ја напуштиле патеката под врвот Тодорка, и влегле во деловите на Дамјаница, по што испровоцирале две ноќни лавини. Спасувачите под голем ризик успеале да ги спасат.“, изјави Нешев.
Пред неколку дена две лица загинаа во снежна лавина во Банско. Надлежните веќе неколку дена апелираат од опасност од лавини, и предупредуваат корисниците на патеките да се придржуваат само на правилата на ски-центарот.
