Иднината на Северна Македонија е во ЕУ и НАТО, а Софија не треба да му удира шлаканица на Скопје, туку да даде поддршка и да ја прошири соработката во сите области, изјави поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев.
Според него, не треба да има манипулации со историјата, но наместо да се промовира лажен патриотизам треба да се засилува активноста и соработката, особено со Северна Македонија. Плевнелиев вели дека и покрај некои нерешени прашања, сепак, има сериозен напредок во односите меѓу двете земји.
– Единствениот кој не ги одобри достигнувањата беше претседателот Румен Радев. Неговиот надворешно-политички неуспех е очигледен. Тој реши да одржи состанок на државниот врв и да повлече црвени линии. Во никој случај не треба да демонстрираме лажен патриотизам пред изборите. Бугарија не треба да е земјата што ќе и удри шлаканица и да и покажува „црвен картон“ на Северна Македонија. Добро е што Владата со прагматизам и мудрост ја спаси ситуацијата, рече Плевнелиев во изјава за бугарски „Фокус“.
