Аларм поради сомнителна пратка откриена во парламентот на Грција – примач е премиерот на земјата Киријакос Мицотакис, а испраќачот е од Русија.
Пратката била пронајдена во дворот на парламентот за време на редовна проверка на пошта. Според информациите објавени во грчките медиуми, пратката била адресирана до Мицотакис, во неа имало плик со бел прав. Како испраќач е наведен руски државјанин.
Сомнителната пратка била забележана од страна на безбедносните служби денес, кои ја алармирале полицијата кога забележале дека тежината на пликот е поголема од вообичаеното, пишува весникот „Катимерини“. Засега нема официјални информации за видот на правот, но се очекува полицијата да го испрати на испитување во Националната организација за јавно здравје.
На местото на настанот се присутни 12 пожарникари со четири возила и специјален тим за проверка на пликото. Присутна е и екипа на итна медицинска помош.
