Во живо 20:00 „Ноќно студио“ со Анастасија Павловска „Кој ги следи студентите“ Гледај
Македонија

По 30 години нов Кривичен законик – законските реформи испратени во Брисел, Собранието подготвува измени

По 30 години нов Кривичен законик – законските реформи испратени во Брисел, Собранието подготвува измени

Македонија подготвува нов Кривичен законик по три децении. Нацрт-законот, заедно со новиот Закон за кривичната постапка, е доставен до Европската комисија на мислење, како дел од реформите во правосудството и усогласувањето со европското законодавство.

Од Министерството за правда информираат дека целта на реформите е поефикасна борба против криминалот и корупцијата, подобра заштита на жртвите, правични судски постапки и поголема правна сигурност за граѓаните.

„Новиот Кривичен законик се подготвува по три децении, а заедно со новиот Закон за кривичната постапка треба да обезбеди поефикасна борба против криминалот и корупцијата, поправични судски постапки, подобра заштита на жртвите и поголема правна сигурност за граѓаните“, соопштија од Министерството за правда.

На новото законско решение шест години работела експертска група предводена од академик Владо Камбовски. Во текстот се вградени 33 европски директиви, а биле разгледани и повеќе од 50 мислења и предлози.

Паралелно, пратеници од владејачкото мнозинство доставија предлог-измени на постојниот Кривичен законик, со кои се предвидува зајакнување на одредбите за конфискација на имот, спречување перење пари и финансирање тероризам. Целта, според предлагачите, е намалување на ризиците поврзани со учеството на земјава во единствената европска платежна зона – СЕПА.

Со новиот Закон за кривичната постапка се предвидува усогласување со 25 европски директиви и стандарди, како и унапредување на финансиските истраги, користењето електронски докази и посебните истражни мерки.

Предложените решенија опфаќаат и можност за одржување судски рочишта и изведување докази на далечина.

Од Министерството за правда очекуваат новата законска рамка да придонесе за поефикасно функционирање на правосудниот систем и надминување на слабостите во досегашната примена на казненото законодавство.

Ноќно студио

Најнова епизода

Кој ги следи студентите? Ноќно студио со Анастасија Павловска 10.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни