Во живо 20:00 „Ноќно студио“ со Анастасија Павловска „Кој ги следи студентите“ Гледај
Македонија

Павловска најави нов протест на 25 ноември: Ќе ги бојкотираме владините настани за женските права

Павловска најави нов протест на 25 ноември: Ќе ги бојкотираме владините настани за женските права

Нов протест против фемицидите е најавен за 25 ноември, во рамките на меѓународната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“. Ова го соопшти граѓанската активистка Анастасија Павловска во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Таа најави дека активистите ќе продолжат со притисокот врз институциите за усвојување законски измени и воспоставување поефикасни механизми за заштита на жртвите.

„Следните чекори се протест што го најавуваме за 25 ноември, кој ќе биде против фемицидите и ќе биде во склоп на 16 дена активизам против насилството врз жените“, изјави Павловска.

Активистката најави и бојкот на настаните што ќе ги организираат владините институции, оценувајќи дека не е доволно само декларативно да се зборува за женските права.

„Ќе правиме бојкот на сите настани што сакаат владините институции да ги одржуваат, бидејќи гледаме дека тие не си ја работат работата, а сега да ни рекламираат колку ги застапуваат правата на жените, децата и другите жртви на насилство – не ни треба тоа“, нагласи Павловска.

Таа посочи дека меѓу клучните барања остануваат законските измени, воведувањето електронски алки за следење на забраните за приближување и побрзото постапување на надлежните служби.

Според Павловска, вистински напредок ќе има тогаш кога полицијата, обвинителството и центрите за социјална работа навремено ќе реагираат и ќе спречат нови трагедии.

Ноќно студио

Најнова епизода

Кој ги следи студентите? Ноќно студио со Анастасија Павловска 10.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни