По Груевски, избега и напаѓачот на Села – МВР со меѓународна потерница, но не знае каде е Војминовски

Никола Војминовски, осуден за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села избегал од Македонија. Сега за сега, Министерството за внатрешни работи не знае каде се наоѓа, а по наредба на Основниот суд, синоќа распиша и меѓународна потерница по Војминовски. Осуденикот треба да отслужи казна затвор од 13 години. До почетокот на мај 2018 тој беше во притвор, но поради проблеми со срцето и по предлог на неговиот адвокат, Основниот суд – Скопје 1, му одреди мерка – домашен притвор.
Во реакцијата на Јавното обвинителство за бегството на Војминовски, пишува дека по завршувањето на главната седница и изрекувањето на затворската казна, јавниот обвинител предложил истата мерка да продолжи сѐ до стапување на сила на пресудата, бидејќи здравствената состојба на осуденикот не се подобрила.

“Во целиот тек на постапката, од замената на мерката притвор во куќен притвор до донесување и објава на пресудата, до надлежниот јавен обвинител не беа доставени никакви податоци или информации за евентуално бегство на обвинетиот по кого сега е распишана потерница, ниту такви податоци постојат за другиот обвинет кој се наоѓа во куќен притвор“, се вели во соопштението од Јавното обвинителство.

Според Законот за кривична постапка, од Обвинителството велат дека сега кога Војминовски е во бегство, Судот е надлежен да го обезбеди присуството на обвинетиот на судењето. Судот е информиран и донесе решение.

“По добиеното известување, Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 – Скопје донесе решение со кое на обвинетиот му се определува мерка притвор од негово пронаоѓање односно лишување од слобода, а воедно издадена е и наредба за распишување интерна и меѓународна потерница“, велат од Основен Суд – Скопје 1.

И додека Судот и Обвинителството имаат одговори на прашањата зошто Војминовски е пуштен во домашен притвор, сега одговорност се бара од МВР кое било должно да го надгледува осуденикот. Сепак од МВР се правдаат дека немале обврска да го следат Војминовски 24 часа на ден, туку само да вршат ненајавени проверки.

“При спроведување на мерка куќен притвор полициски службеници прават ненајавена проверка во текот на денот во објектот каде мерката се спроведува за да се утврди дали лицето ја почитува изречената мерка од страна на Судот и за тоа соодветно го информира надлежниот суд“, велат од Министерството за внатрешни работи.

И додека МВР трага по Војминовски, адвокатот на оштетениот Зијадин Села, Абедин Абдули, вели дека ваквите случаи го нарушуваат спроведувањето на правдата.

„Никола Војминовски не го нарушува судскиот процес за Зијадин Села, туку правдата во РМ. Одговорноста за ова паѓа врз Министерството за внатрешни работи, бидејќи тие ги надгледуваат оние кои служат казна – домашен притвор, а не судиите или обвинителствата“, изјави Абедин Абдули – адвокат на Зијадин Села.

Од Алијанса за Албанците велат дека кога станува збор за правосудството, Македонија станува земја на чудата.

“Значи тука наоѓаме сѐ, само не правда и правна држава. Прво го имавме бегството на екс -премиерот, потоа Законот за криминална амнестија, а сега и бегството на напаѓач осуден на 13 години за обид за убиство на лидерот на Алијанса за Албанците, г.Зијадин Села. Ова говори дека има помош и координација од СДСМ и ДУИ, помош од судиите и обвинителките, како и помош од самото Министерство за внатрешни работи“, вели Бујаре Абаз – Алијанса за Албанците.

Од Алијанса за Албанците бараат одговорност од МВР, судот и обвинителството и воедно да се пронајдат лицата кои му помогнале на Војминовски да избега.

РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ

Извор: ТВ21