По поразот на изборите: Европски истражители ќе го истражуваат Виктор Орбан за корупција?

Петер Маѓар, лидерот на партијата „Тиса“ која однесе убедлива победа на изборите во Унгарија, вети дека земјата ќе се приклучи кон Европското јавно обвинителство (EPPO). Овој потег ќе им овозможи на истражителите на ЕУ да спроведат истраги за можни измами и злоупотреби со европски средства кои се случиле за време на долгогодишното владеење на Виктор Орбан.

Маѓар најави дека пристапувањето кон Прокуратурата на ЕУ ќе биде еден од неговите први чекори како премиер. Ова е дел од поширокиот пакет реформи чија цел е деблокирање на 17 милијарди евра од фондовите на ЕУ, кои Европската комисија ги замрзна поради загриженост за владеењето на правото во Унгарија.

На својата прва прес-конференција, Маѓар ги отфрли барањата на дел од неговите партиски членови за директно затворање на Виктор Орбан. Тој нагласи дека негова задача е да обезбеди независност на правосудниот систем, а не да пресудува.

  • „Не е работа на политичар, ниту на премиер, ниту на претседател на партија да оценува дали поранешен премиер треба да заврши во затвор“, изјави Маѓар.
  • Критичарите на Орбан тврдат дека неговото долгогодишно одбивање да се приклучи кон EPPO било мотивирано од желбата да ги заштити бизнис мрежите блиски до неговата партија.

Европското обвинителство, со седиште во Луксембург, има надлежност да истражува измами поврзани со финансиите на ЕУ. Доколку Унгарија се приклучи, EPPO ќе може да ги истражува случаите наназад до 2017 година, период кој опфаќа голем дел од мандатот на Орбан.

Анализите на „Financial Times“ претходно открија дека околу 14% од сите јавни набавки во Унгария за време на Орбан завршиле кај само 42 компании во сопственост на негови блиски соработници, што изнесува над 28 милијарди евра.

Поразот на Орбан се смета за сериозен удар за влијанието на Владимир Путин во Европа. Како сојузник на Кремљ, Орбан често ги блокираше санкциите против Русија и воената помош за Украина.

За официјално приклучување кон ЕППО, Унгарија мора да ги извести Европската комисија и Советот на ЕУ. Процесот на одобрување трае околу четири месеци, по што ќе бидат потребни правни реформи и назначување на делегирани европски обвинители во Будимпешта.

Доколку Маѓар сака брз пристап до замрзнатите средства, реформите во областа на владеењето на правото ќе мора да започнат најдоцна до август оваа година.