Државниот јавен обвинител Ненад Савески порача дека обвинителството и одбраната треба да ги соочуваат аргументите во судница и дека јавните настапи за случајот „Пулс“ мора да бидат внимателни кон семејствата на жртвите и повредените.
Одговарајќи на новинарско прашање по повод една година од почетокот на судскиот процес, Савески не даде оценка за досегашниот тек на судењето. Објасни дека постапката е под раководство на судот и на судечкиот совет, а негов коментар би можел да се протолкува како обид за влијание врз нивната работа.
„Доколку би давал своја оценка за текот, би можело да биде оценето дека сакам да извршам влијание врз работата на судот“, рече Савески.
Новинарското прашање се однесуваше и на критиките што одбраната ги упатува кон обвинението и на отсуството на јавни изјави од обвинителите што го застапуваат предметот.
Савески оцени дека спротивставените ставови треба да се разгледуваат во судницата. Според него, јавните напади можат да создадат слика за предметот што не го одразува објективно она што се случува во судската постапка.
Тој нагласи дека сите што јавно зборуваат за случајот треба да покажат должно внимание, пред сè кон семејствата на оштетените и кон повредените.
„Да не создаваме атмосфера со која би предизвикале секундарна виктимизација на оваа категорија граѓани“, порача Савески.