Македонија

По загадувањето на водата, ризик од хепатитис и жолтица: Гостивар под зголемен медицински надзор

По загадувањето на водата, ризик од хепатитис и жолтица: Гостивар под зголемен медицински надзор

Гостивар влегува во нова фаза по епидемијата предизвикана од загадената вода, а здравствените власти сега особено ќе ја следат можната појава на хепатитис А и Е, познати и како жолтица.

Министерот за здравство Сашо Клековски информираше дека акутната фаза на епидемијата постепено се смирува, но по консултација со Комисијата за заразни болести е одлучено да се воведе засилен здравствен надзор во постакутниот период.

„Фокусот треба да биде ставен на следење на хепатитис А и Е, но и на други заразни болести кои можат да се појават по завршувањето на епидемијата. Клучно е раното препознавање на случаите за да може навремено да се реагира“, изјави Клековски.

Тој посочи дека до Центарот за јавно здравје, здравствените установи и матичните лекари ќе бидат доставени конкретни насоки за следење на состојбата, како и за комуникација со граѓаните.

Според последните податоци, во Гостивар се регистрирани 4.303 заразени граѓани, откако на 17 јули беше воведена забрана за користење на водата за пиење поради утврдено загадување на градскиот водовод. Епидемијата беше прогласена на 19 јули, а Владата на 21 јули воведе 30-дневна кризна состојба.

Клековски информираше дека бројот на нови прегледи во последните четири дена се движи меѓу 80 и 125 дневно, но дополнителните епидемиолошки анализи треба да покажат колкав дел од овие случаи се директна последица на епидемијата.

„Во јули, според повеќегодишните податоци, просекот во Гостивар бил околу 25 пријави за заразни заболувања. Треба да се утврди што е поврзано со епидемијата, а што е вообичаена состојба“, рече министерот.

Водата во Гостивар од 27 јули може да се користи како техничка вода – за бањање и други домашни потреби, но не и за пиење или подготовка на храна.

Според надлежните, водата ќе може повторно да се користи за пиење откако ќе бидат добиени три последователни негативни резултати од лабораториските испитувања.

До тогаш, здравствените институции остануваат во состојба на зголемена будност, особено поради можноста од појава на хепатитис А и Е, кои најчесто се пренесуваат преку загадена вода и храна.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни