Балкан

Почина Билјана Плавшиќ, осудена за воени злосторства пред Хашкиот трибунал

Почина Билјана Плавшиќ, осудена за воени злосторства пред Хашкиот трибунал

Билјана Плавшиќ, поранешна членка на военото и политичкото раководство на Република Српска, почина во Белград на 96-годишна возраст, пренесува Н1. Плавшиќ беше осудена пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија во Хаг за прогон на политичка, расна и верска основа.

Во 2003 година, Плавшиќ се изјасни за виновна и беше осудена на 11 години затвор. Според пресудата, таа учествувала во прогон на босански муслимани, босански Хрвати и друго несрпско население во 37 општини во Босна и Херцеговина.

Во пресудата се наведува дека Плавшиќ ја поддржала кампањата за етничка поделба, која била проследена со убиства и протерување на цивилно население. Според наодите на Трибуналот, во остварувањето на целите биле користени и паравоени сили од Србија.

На 26 јуни 2003 година, Плавшиќ беше префрлена од Хаг во Шведска, каде што ја издржуваше казната во затворот „Хинсеберј“. Во октомври 2009 година беше ослободена во Белград, откако отслужи две третини од казната.

Седум години по признавањето на вината, Плавшиќ го повлече признанието. Во интервју за шведското списание „Ви“ тогаш изјави дека се „жртвувала себеси“ и дека признанието го прифатила за да преговара за останатите обвиненија и да избегне долгогодишен судски процес.

Пред влезот во политиката, Плавшиќ била професорка и деканка на Факултетот за природни науки и математика во Сараево. На изборите во 1990 година беше избрана за членка на колективното Претседателство на Босна и Херцеговина.

Во пресрет на почетокот на војната во БиХ во 1992 година, таа ги напушти двете функции и се приклучи на раководството на Република Српска. На 20 мај 1992 година го напушти Сараево, каде што војната веќе беше започната.

Плавшиќ беше една од двете потпретседателки на Република Српска до септември 1996 година, кога Радован Караџиќ ѝ ги предаде претседателските овластувања под притисок на меѓународната заедница. Истата година беше избрана за претседателка на Република Српска.

На претседателските избори во 1998 година беше поразена од кандидатот на Српската радикална партија, Никола Поплашен.

Плавшиќ беше исклучена од Српската демократска странка во јули 1997 година, а еден месец подоцна го основаше Српскиот народен сојуз, чија претседателка беше до 2000 година. Во декември истата година поднесе оставка од функцијата пратеник во Собранието на Република Српска од здравствени причини.

Последните години од животот ги помина во Белград, надвор од политичкиот живот. Погребот на Плавшиќ треба да се одржи во Бања Лука.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Андреј Петров, платформа 12:05 29.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни