Дваесет и четиригодишниот Михал Оксињски, кој уби шест лица и повреди уште 15 на главниот плоштад во полскиот град Краков, починал во болница од тешките повреди здобиени во престрелка со полицијата, објави „Индекс“, повикувајќи се на локалната полиција.
Според извештајот, нападот се случил два дена претходно, околу 15 часот. Оксињски пристигнал со автомобил на плоштадот и со полуавтоматска пушка отворил оган врз минувачи, туристи и таксисти.
Убиените биле на возраст од 32 до 61 година, а меѓу нив имало и австриски државјанин.
По интервенцијата на полицијата следувала потера по неговиот автомобил, која завршила кога на раскрсница удрил во запрено возило. Напаѓачот излегол облечен во воена униформа, со шлем, маска и тактички елек, и почнал да пука кон полицајците.
Во престрелката тешко ранил двајца полициски службеници. Еден од нив, и покрај повредите, успеал да го погоди напаѓачот, кој потоа бил пренесен во болница во животозагрозувачка состојба.
Во текот на истрагата полицијата открила уште три жртви во семејниот стан на Оксињски во неговиот роден град Островјец Швјентокшиски. Станува збор за неговиот 52-годишен татко, 51-годишната мајка и 21-годишната сестра. Според истражните сознанија наведени во извештајот, тие биле убиени со огнено оружје пред нападот во Краков.
Обвинителството во Краков го води случајот како терористичко кривично дело. При претресите во семејниот дом биле запленети 11 парчиња огнено оружје и значително количество муниција.
Полскиот министер за внатрешни работи, Марчин Кјервињски, изјавил дека досегашните сознанија укажуваат оти напаѓачот дејствувал сам и бил фасциниран од крајнодесничарска идеологија и ултранационалистички ставови.
Според извештајот, Оксињски претходно немал криминално досие.