Балкан

Почина уште едно лице повредено во катастрофалниот пожар кај Омиш

Почина уште едно лице повредено во катастрофалниот пожар кај Омиш

Уште едно лице кое беше тешко повредено во катастрофалниот пожар што во август го зафати подрачјето на Омиш, Хрватска, почина во болницата во Сплит, потврди Клиничкиот болнички центар (КБЦ) Сплит.

Станува збор за пациентка родена во 1968 година, која и покрај интензивното лекување и напорите на медицинскиот тим не успеала да ги преживее повредите здобиени во пожарот.

„И покрај сите преземени мерки за интензивно лекување и напорите на медицинскиот тим, во сплитската болница почина уште едно лице, родено во 1968 година, како последица на повредите здобиени во пожарот на подрачјето на Омиш. На одделот за интензивно лекување и понатаму се наоѓаат уште двајца пациенти, кои се животно загрозени. На семејството на починатата пациентка изразуваме искрено сочувство“, соопштија од КБЦ Сплит.

Пожарот избувна на 13 август во шумски предел покрај патот во Локва Рогозница, по што, потпомогнат од силниот ветер, за кратко време се прошири кон Омиш.

Огнената стихија зафати подрачје долго околу 23 километри, а изгореа приближно 1.000 хектари површина. Во пожарот беа уништени куќи, други објекти и возила, а беа повредени десетици лица.

Прва жртва на пожарот беше 34-годишна државјанка на Босна и Херцеговина, чие тело беше пронајдено во Мала Лука, на подрачјето на Станиќи.

Кон крајот на август, од последиците на тешките повреди почина и 79-годишен маж, кој се лекуваше во КБЦ Сплит.

Со последниот смртен случај, бројот на жртвите поврзани со пожарот дополнително се зголеми, додека двајца пациенти и натаму се наоѓаат на интензивно лекување и се во животна опасност.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни