Секоја година исти проблеми. Граѓаните немаат избор освен да го вдишуваат нечистиот воздух. Мерките на институциите засега не ветуваат многу. Сепак, вината повторно се префрла на домаќинствата, особено на оние граѓани кои горат огревни дрвја, стар мебел или гуми за да го преживеат студот.
Истражувачи од МАНУ со предлог сет мерки кои што доколку се спроведат, до 2025 година, аерозагадувањето драстично ќе се намали. Дел од мерките што веднаш можат да дадат резултат се следниве:
„Мерката за приклучување кон топлификацискиот систем за греење. Ова е најбрзата мерка што може да даде резултати. Субвенции за промена на начинот на греење, односно замена на био маса со огревно дрво, замена со печки за пелети, исто така замена на огревното дрво со топлотни пумпи или инвертори“, изјави Александар Ддинец, МАНУ.
Субвенции за печки на пелети е мерката за која што граѓаните покажале најголем интерес.
„Субвенционирањето за набавка на печки на пелети за граѓаните на Скопје за оваа година заврши. Односно, средствата од буџетот завршија. Во буџетот за 2019 година, градот Скопје исто така планира 15 милиони денари за субвенционирање на граѓаните да си набават печки за пелети, што е повисока сум за 50%. Интересот е огромен. Во изминатиов период веќе 1000 домаќинства добија вакви пчеки на пелети“, изјави Цветанка Икономова-Мартиновска од Сектор за заштита на животната средина и природата.
Што се однесува до транспортот како еден од загадувачите на воздухот, препораките се 60% од такси возилата да бидат електрични, а останатите возила да плаќаат за регистрација според тоа колку го загадуваат воздухот.
Инаку, оваа година, за борбата со загадувањето, од буџетот на град Скопје, се издвоени само 4,2%.
Репортер: Данче Азманова
