Пратениците на денешната 125. седница на Собранието усвоија измени и дополнувања на четири закони, додека преостанатите точки од дневниот ред ќе бидат разгледувани на продолжение на седницата за кое дополнително ќе биде известено.
Со мнозинство гласови „за“ беа донесени измените и дополнувањата на Законот за високи раководители и на Законот за вработените во јавниот сектор.
Пратениците ги изгласаа и измените и дополнувањата на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица, како и на Законот за шумите.
Потпретседателката на Собранието Весна Бендевска ја прекина седницата поради немање деловнички можности за продолжување на расправата по преостанатите точки.
На дневен ред на 125. седница се и предлог законите за изменување и дополнување на Законот за административни службеници и на Законот за надворешни работи.
Пратениците треба да ги разгледаат и предлог Националната програма за високото образование со предлог мерки за периодот 2025-2030 година, како и предлог Националната програма за научно-истражувачка дејност со предлог мерки за истиот период.
За датумот и времето на продолжението на седницата, од Собранието ќе има дополнително известување.