Македонија

Почна новата академска година: Државниот врв ги пречека бруцошите на универзитетите

Почна новата академска година: Државниот врв ги пречека бруцошите на универзитетите

Со традиционалниот прв академски час, околу 13.800 бруцоши на сите универзитети и факултети низ земјава денеска официјално го започнаа своето високо образование. Новозапишаните студенти на свеченостите беа поздравени од државниот врв, ректорите и професорите.

Свеченост на УКИМ: Зачувајте го критичкиот ум и идеализмот

На платото на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје, каде што годинава се запиша нова генерација студенти на 23 факултети, на најдоброрангираните бруцоши симболично им беа врачени индексите.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова им порача на студентите да не се фокусираат само на меморирање податоци, туку да негуваат критички ум и бунтовност во одбрана на своите права.

„Бунтувајте се, барајте ги вашите права и убедувајте ги професорите дека се тука заради вас. На овој свет му треба идеализам: право, правда и етика. Верувам дека доаѓа време на софократија — време на умот, а УКИМ треба да биде предводник во промените“, истакна Сиљановска-Давкова, додавајќи дека во ерата на технолошки напредок, природната интелигенција мора да остане во основата на користењето на вештачката интелигенција.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, ги повика бруцошите да бидат љубопитни и храбри во потрагата по знаење, користејќи ги сите можности за истражувања, научни проекти и меѓународни размени. Добредојде и честитки за пристапувањето кон академската заедница упатија и ректорката на УКИМ, Биљана Ангелова, како и претседателката на УСС на УКИМ, Ангела Василевска.

Порака од УГД – Штип: Стекнете знаење и останете во својата земја

На Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип, каде што на 12 факултети и три академии се запишаа околу 1.500 бруцоши, се обрати премиерот Христијан Мицкоски. Тој испрати порака до младите да се борат за својата иднина во татковината.

„Вистинскиот живот е борбата што ве чека — за вашите семејства и за вашата родна земја. Каде и да одите, вратете се дома за заедно да се бориме за Македонија“, порача Мицкоски, апелирајќи до професорите да бидат вистински педагози и личен пример за студентите.

УМТ – Скопје: Не плашете се од предизвиците

На Универзитетот „Мајка Тереза“ (УМТ) во Скопје, новата академска година ја започнаа околу 1.000 студенти. Заменик-министерот за образование и наука, Дритон Сулејмани, им порача дека факултетот е простор за градење критичко размислување и општествени иницијативи.

„Не се предавајте пред предизвиците. Успехот не се гради само од победите, туку и од способноста повторно да се исправите по падовите“, истакна Сулејмани.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Андреј Петров, платформа 12:05 29.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни