Со последното училишно ѕвонче денеска официјално завршува учебната 2025/2026 година за учениците во основното и средното образование. Илјадници ученици низ државата заминуваат на летен распуст кој ќе трае до 31 август, додека за матурантите и полуматурантите следува период исполнет со испити и уписи.
Наставата за повеќе од 14.500 матуранти заврши уште на 15 мај. Веќе утре, на 11 јуни, кандидатите за државна матура ќе го полагаат задолжителниот екстерен испит по мајчин јазик – македонски, албански, турски или српски. Учениците кои се пријавени за државна стручна и државна уметничка матура истиот испит ќе го полагаат на 12 јуни. Претходно, на 6 јуни, беше реализирано полагањето на изборниот екстерен предмет.
Според податоците, од вкупно 14.587 пријавени кандидати, 12.184 ќе полагаат државна матура, 2.276 државна стручна матура, а 127 ученици се пријавени за државна уметничка матура.
Во меѓувреме, полуматурантите се подготвуваат за упис во средните училишта. Пријавувањето ќе се врши електронски преку порталот Uslugi.gov.mk, со најава преку корисничките сметки на schools.mk, по што учениците ќе треба да ја достават потребната документација во училиштата каде што конкурираат.
Во јуни се предвидени два уписни рока. Првото електронско пријавување ќе трае од 12 до 15 јуни, додека второто ќе се реализира на 23 јуни. Во августовскиот рок ќе има едно пријавување, закажано за 20 август.
Согласно конкурсот на Министерството за образование и наука, за новата учебна година се обезбедени повеќе од 25.000 слободни места во 109 јавни средни училишта во државата. Најголем дел од нив, над 17.000, се во стручните училишта, речиси 6.000 места се предвидени за гимназиско образование, а 570 за уметничко образование.