Пред Основниот кривичен суд во Скопје денеска започнува судскиот процес за случајот со „Државна лотарија“, во кој обвинети се поранешниот вицепремиер Артан Груби и уште седум лица. Рочиштето е закажано за 10 часот.
Предметот преку автоматска распределба ѝ е доделен на судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски.
Основното јавно обвинителство Скопје на 13 август поднесе обвинение против осумте лица, кои се товарат како соизвршители на кривичното дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“.
Според обвинението, во текот на 2023 и 2024 година обвинетите заеднички презеле дејствија со кои ги надминале своите службени овластувања и должности, со цел да ѝ нанесат штета на „Државна лотарија“.
Штетата, според Обвинителството, изнесува 507.632.173 денари, односно околу 8,2 милиони евра. За делото за кое се товарат обвинетите е предвидена затворска казна до пет години.
Првообвинет во случајот е поранешниот директор на „Државна лотарија“, Прпарим Бајрами, кој сè уште е недостапен за органите на прогонот. Обвинителството побарало за него да биде определен 30-дневен притвор, кој би се применувал од моментот на неговото пронаоѓање.
Поранешниот вицепремиер Артан Груби, како второобвинет, се наоѓа во куќен притвор, кој му е продолжен до 13 септември. Нему му е одземена патната исправа, а има и забрана за издавање нова патна или друга исправа со која би можел да ја премине државната граница.
Груби по повеќе од 14 месеци недостапност за органите на прогонот во февруари годинава се врати во земјава и беше приведен на граничниот премин Блаце. По распитот во Обвинителството, притворот кој претходно му беше определен во отсуство беше заменет со куќен притвор, образложено со безбедносни причини.