Балкан

„Полесно е да се изгради отколку да се урне“: Завршува рушењето на познатиот облакодер Вјесник

„Полесно е да се изгради отколку да се урне“: Завршува рушењето на познатиот облакодер Вјесник

Еден од најпознатите симболи на Загреб и некогашен дом на хрватското новинарство – облакодерот Вјесник – полека исчезнува од панорамата на хрватската престолнина. Во тек е последната фаза од уривањето на зградата која минатата година беше целосно уништена во голем пожар, а тешката механизација деновиве ги отстранува и последните делови од конструкцијата.

На фотографиите и видеоснимките од теренот може да се види како огромни багери со долги краци ги рушат највисоките катови на оштетениот облакодер. Поради сложеноста и опасноста на операцијата, во овој дел од Загреб е воведен посебен сообраќаен режим, а дел од главните градски сообраќајници се целосно затворени.

Најголемиот сообраќаен удар го трпи Славонска авенија, која од четвртокот до недела е целосно затворена за сообраќај заедно со подвозникот во близина на облакодерот. Властите објаснуваат дека одлуката е донесена од безбедносни причини за да се спречи можноста градежен материјал да падне врз коловозот.

За дополнителна заштита е поставена специјална гумена бариера која треба да ги задржи бетонските и металните парчиња што се одвојуваат при рушењето. Надлежните нагласуваат дека безбедноста на граѓаните е апсолутен приоритет.

Изведувачите на работите посочуваат дека проектот е исклучително сложен и дека рушењето на ваков објект бара повеќе планирање отколку неговата изградба. Во текот на подготовките биле анализирани сите фази од процесот, а дополнителен предизвик претставувало и отстранувањето на околу 470 килограми опасен азбест пронајден на 16-тиот кат.

Според инженерите вклучени во проектот, секој чекор бил детално испланиран за да се избегне ризик по околните објекти и граѓаните. Тие нагласуваат дека на јавноста можеби ѝ изгледа дека работите се одвиваат бавно, но станува збор за една од најсложените операции од ваков тип во последните години во Хрватска.

Досега од облакодерот се отстранети повеќе од 620 тони отпад и градежен материјал, а планот е објектот целосно да исчезне до средината на јули.

Хрватската влада веќе има планови за иднината на оваа атрактивна локација на јужниот влез во Загреб. Државата поседува 64 проценти од комплексот и има намера да го откупи преостанатиот дел од другите сопственици.

Според најавите, на местото на поранешниот облакодер треба да никне нов објект кој ќе придонесе за помодерен изглед на градот, а во него би можеле да бидат сместени државни институции кои моментално користат изнајмени простории. Конечниот изглед на идниот комплекс ќе биде избран преку јавен архитектонски конкурс.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни