Свет

ПОМИЛУВАЊЕ: Кувајтските дисиденти на слобода

Кувајтскиот емир Шеик Наваф ал Ахмад ал-Сабах го издаде долгоочекуваниот декрет за амнестија, помилувајќи и олеснувајќи ги казните на повеќе од 30 кувајтски дисиденти.

Во декретот, објавен доцна синоќа во кувајтскиот официјален весник, се наведува дека Ал Сабах ги намали казните на 11 политичари кои беа затворени за влез во парламентот за време на Арапската пролет 2011 година, а помилува и ублажи казни на уште 24 лица, пренесе АП.

Амнестијата следи по долготрајниот конфликт меѓу владата назначена од емирот и Парламентот, најмоќниот законодавен дом во Кувајт.

Парламентот може да донесува закони, но емирот ја има врховната моќ, а членовите на владејачкото семејство имаат високи позиции.

Тензиите меѓу пратениците од опозицијата и државните функционери го достигнаа својот врв, блокирајќи ги напорите за отпочнување на економски реформи и усвојување на закон за долгови што ќе ги олесни „затегнатите“ државни финансии.

Кувајтската влада поднесе оставка минатата недела, со цел да ги ублажи несогласувањата со парламентот што ги блокираше економските реформи.

Шеикот Наваф денеска официјално ја прифати оставката на владата, јави државната новинска агенција КУНА.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни