Македонија

Помпео со јасна порака од Охрид – оваа есен САД ќе го ратификува протоколот за НАТО

Напладне слета на аеродромот во Охрид. Беше дочекан од шефот на дипломатијата, Никола Димитров. Ова е вторпат американски државен секретар да ја посети Македонија, а тоа е Мајк Помпео. Под зголемени безбедносни мерки од аеродромот „Свети Апостол Павле“ отпатува во претседателската вила „Билјана“, каде беше пречекан од Претседателот Стево Пендаровски каде заедно прошетаа и поразговараа. Насмевката на лицето е карактеристика по која се издвојува Помпео. По средбата со шефот на државата, американскиот секретар се сретна и со премиерот Зоран Заев, со кој подоцна одржа и прес-конференција, на која Помпео потсети – како пред 25 години започнале дипломатските односи Македонија-САД.

Упати пофални зборови за договорите кои Северна Македонија ги постигна со Грција и Бугарија. Исто така Помпео го поздрави и ангажманот на земјата во мировните мисии на Блиски Исток, па затоа изрази убеденост дека земјата ќе биде силен сојузник на НАТО. Најави дека американскиот Сенат наесен ќе го ратификува Протоколот за членство на Македонија во Алијансата.

Премиерот Зоран Заев, рече дека САД се докажан пријател на Северна Македонија, па затоа како што вели, имаме силни политички и историски причини за ова пријателство да се зајакнува и понатаму.

По средбите со Пендаровски и Заев, Помпео го посети и манастирот „Пресвета Богородица“ во Охрид. Европската турнеја, Помпео ја продолжува во Грција, а пред да допатува во Македонија, ги посети Црна Гора и Италија.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни