Надојдени реки, поплавени куќи и полиња, луѓе кои градат насипи со надеж дека ќе ги заштитат домовите.
Обилните врнежи предизвикаа излевање на реките и поплави во делови од Босна и Херцеговина (БиХ), Србија и Хрватска.
Во Србија моментално е критично во Шабац, каде Сава ја проби квотата од 500 сантиметри и за прв пат од 2014 година во тој град е воведена вонредна заштита од поплави.
Неколку градови и општини во Босна и Херцеговина прогласија вонредна заштита од поплави поради излевање на реките Босна, Врбас, Сана, Сава и Фојница.
Во Бања Лука во 16 населени места е прогласена вонредна состојба.
Во Лакташи, Модрича и Приједор водата продрела во десетици домаќинства, додека во Дервента наставата во училиштата е прекината поради опасност од поплави.
Десетици локални патишта беа затворени поради поплави, лизгање на земјиштето и кал.
Водостоите на неколку реки во Србија се зголемуваат поради обилните врнежи кои во некои делови од земјата непрекинато траеја три дена.
На запад од Србија најпрвин се излеале реките Јадар и Дрина кај Лозница, а потоа и Сава кај Шабац, поради што во тие подрачја е прогласена вонредна заштита од поплави.
Во моментов најкритично е кај Шабац, каде за прв пат по големите поплави од мај 2014 година беше прогласена вонредна заштита од поплави.
Викендов Сава ја проби квотата од 500 сантиметри, но надлежните велат дека засега не очекуваат поголеми проблеми.
Поплави ја зафатија и Хрватска, а најкритично беше во Ораховица, град во Вировитичко-подравинската жупанија на североистокот од земјата и општина Зденци, каде што се излеа реката Вучица, а водата стигна до домаќинствата во близина на коритото.
