Албанскиот премиер Еди Рама денеска ќе престојува во официјална посета на Израел, на средби со државниот врв.
Извори за АБЦњуз посочуваат дека во фокусот на официјалните средби ќе бидат кибер-нападите од Иран.
Шефот на владата ќе оствари средба со неговиот израелски колега Јаир Лапид, претседателот Исак Херцог, претседателот на Собранието Мики Леви и лидерот на опозицијата Бењамин Нетањаху.
Зголемувањето на бројот на кибер-нападите што ги изврши Иран врз Албанија доведе до тензии меѓу двете земји, по што, на почетокот на минатиот месец Албанија ги прекина дипломатските односи со Иран и го протера персоналот на амбасадата.
Првиот кибер-напад се случи на 15 јули, кога беа нападнати државните онлајн сервиси, кои не работеа три недели.
Вечерта на 9 септември иранските хакери од групата „татковинска правда“ го нападнаа системот TIMS на граничните премини кој пет дена остана блокиран.
-Иран не криеше дека има удел во овој напад бидејќи на полициските компјутери на граничните премини се појави пораката: „Албанија сè уште плаќа за терористичките акти на култот МЕК во Драч и оваа игра ќе продолжи“. Откако беше потврдено дека нападот го презеде иранската влада, Албанија ги прекина дипломатските односи со Иран, наведува телевизијата.
