15.000 работни места во земјава се изгубени за време на ковид- пандемијата, соопшти министерот Бектеши. Не верува дека враќањето на дијаспората го зголемува бројот на невработени.
Со Стопанската комора на Северозападна Македонија потпишаа меморандум. Комората ќе назначи лице кое постојано ќе биде во директен контакт со Министерството за економија. Целта е пренесување на предлозите за подобри политики од двете страни. Според Бектеши, ќе се креираат политики за рационално користење на средствата со цел да се освојат нови пазари, да се промовира и зголемува извозот.
Претседателот на Комората, Неби Хоџа, објасни дека лицето што ќе биде назначено од нивна страна, ќе биде вклучено во сите активности во Министерството за економија.
Во врска со неделата како неработен ден, претседателот на Комората, Хоџа, истакна дека дел од бизнисите што оперираат за викенд треба да си ја вршат својата дејност, но во текот на неделата да имаат еден ден за одмор. Истовремено, вели да не се брза со оваа постапка, бидејќи информациите што ги добиваат од Министерството за труд и социјала треба допрва да се разгледуваат, па да се донесат решенија по однос на ова прашање, истакна Хоџа.
Александра Спировска