Балкан

Поради кризата се зголемуваат платите и пензиите ама во Грција

Грција најави низа мерки за поддршка на граѓаните. Поради протестите против зголемените трошоци за живот, владата најави дека од следната година ќе се зголемат пензиите и платите. Се доделува помош за греење во зима.

Во Грција минималната плата и пензиите се зголемуваат – првпат по финансиската криза пред една деценија. Ова го соопшти премиерот за време на саемот во Солун. Кирјакос Мицотакис рече дека од зголемувањето ќе имаат корист околу еден и пол милион пензионери. Сепак, тој ги предупреди Грците да се подготват за сурова зима.

„Москва сака енергетската несигурност да ја претвори во европска политичка нестабилност. Знам дека општеството се плаши како цените ќе влијаат на нашите приходи. Пред нас е тешка зима, но не смееме да дозволиме уцени“, нагласи Киријакос Мицотакис, премиер на Грција.
Околу 1,3 милиони домаќинства ќе добијат финансиска помош за зимата, а оние што се греат на мазут или на друго гориво наместо на гас или струја добиваат двојно повеќе средства.

Грчката влада издвои повеќе од 8 милијарди евра за да се справи со зголемените цени и инфлацијата, која го достигна највисокото ниво во речиси три децении. Изработен е план од 1,8 милијарди евра за да им се помогне на младите да изнајмат или купат дом. Финансиска поддршка е обезбедена и за земјоделските производители, бизниси, невработени, студенти и лица со ниски примања.

Годинава растот на грчката економија ќе биде повеќе од 5%, благодарение и на силната туристичка сезона, најави грчкиот премиер. Настанот на кој учествуваше Мицотакис беше проследен со повеќеилјаден протест против зголемените трошоци за живот и високите цени на енергијата. Парламентарните избори во земјата ќе се одржат во 2023 година.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни