Поради силна снежна бура и проблеми со софтверот, ширум Соединетите Американски Држави се пријавени 1.815 доцнења на доаѓање и заминување на летови, додека 490 летови се откажани, соопшти синоќа американската мултинационална компанија FlightAware, која обезбедува податоци за следење на летови во реално време.
Најмногу доцнења и откажувања на летови имало на аеродромите во Чикаго, Њујорк, Бостон, Миннеаполис и Детроит, пренесува CBS.
Авионските компании исто така пријавиле нарушувања во распоредот на летови за време на викендот, откако Федералната авијациска администрација (FAA) нареди илјадници авиони Airbus A320 ширум светот да го ажурираат софтверот.
Компанијата JetBlue денеска откажа 74 летови поради ажурирање на софтверот на дел од своите модели Airbus A320 и A321, што го наложи FAA.
Силната снежна бура во региони на Средниот запад и Големите езера првично го прекина авионскиот сообраќај за некои летови по празниците минатата недела.
Националната метеоролошка служба издаде за неделата низа предупредувања и совети поради зимските бури, кои беа најавени од Монтана до Охајо.
До ноќта меѓу сабота и недела повеќе од 1.400 летови беа откажани на аеродромите во Чикаго, каде се очекуваше снежната бура да донесе до 25 сантиметри снег, додека аеродромите во Детроит имаа повеќе од 300 доцнења на летови и десетици откажувања, додека бурата се движеше низ тој регион.
