Свет

Поранешниот премиер на Тајланд е во болница по враќањето од странство

Поранешниот премиер на Тајланд е во болница по враќањето од странство

Поранешниот премиер на Тајланд, Таксин Шинаватра, беше примен во болница поради загриженост за високиот крвен притисок на неговата прва ноќ во затвор по неговото историско враќање од егзил.

Во моментов не е јасно во каква состојба е 74-годишниот Таксин, милијардер и основач на популистичката партија „За Тајланѓаните“ („Пуех Таи“). Во соопштението на Министерството за правда се вели дека Таксин почувствувал стегање во градите и висок крвен притисок и бил испратен во болница во Бангкок околу 2 часот по полноќ по локално време.

Таксин се врати дома вчера и беше спроведен во затвор, при што го украде вниманието на неговиот политички сојузник Срета Тависин од Партијата За Тајланд, кој беше избран за премиер на парламентарното гласање подоцна во текот на денот. Срета беше потврден за премиер по добивањето на кралската согласност, изјави денеска претставник на Парламентот.

Полицијата соопшти дека Таксин бил хоспитализиран бидејќи затворските службеници не можеле да гарантираат дека ќе ја добие потребната нега.

„Затворот ја процени ситуацијата и увиде дека нема лекари и медицинска опрема што може да се грижи за пациентот“, изјави полициски претставник за Ројтерс.

Вчера Врховниот суд потврди дека Таксин ќе мора да одлежи осум години затвор поради пресудите за злоупотреба на власта и судир на интереси.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни