Свет

Поројниот дожд во Нов Зеланд однесе три животи, еден се води како исчезнат

Поројниот дожд во Нов Зеланд однесе три животи, еден се води како исчезнат

Рекордна количина дожд наврна во најголемиот град на Нов Зеланд. Поројниот дожд во Окленд усмрти три лица, а едно лице се води како исчезнато, објави Асошиетед прес, повикувајќи се на премиерот Крис Хипкинс.

Вчера градот со околу 1,6 милиони жители постави рекорд за најголем број на врнежи. На некои места за само три часа паднале повеќе од 15 сантиметри.

Телата на двајца мажи се пронајдени во поплавените подрачја. Трет маж се бара откако надојдените води го однеле, а уште едно лице се води како исчезнато откако одрон зафатил куќа, соопшти полицијата.

После тоа, Хипкинс рече дека три лица веќе биле потврдени мртви. Тој не даде детали.

Врнежите предизвикаа голем број проблеми во Окленд. Спасени се 126 лица затрупани во куќи и автомобили.

Патиштата беа затворени, а многу луѓе останаа без струја. Снабдувањето со електрична енергија на околу 3.500 куќи се уште не е обновено.

Стотици луѓе ја поминаа ноќта заглавени на аеродромот во Окленд. Сите летови се откажани, а дел од терминалот е поплавен.

Два концерта од прошталната турнеја на Сер Елтон Џон, која требаше да се одржи на стадионот Окленд вчера и денеска, се откажани поради лошото време.

Властите на Нов Зеланд прогласија вонредна состојба во областа на најнаселениот град во земјата.

Новиот премиер, кој ја презеде функцијата пред само три дена откако нејзината претходничка Џасинда Ардерн поднесе оставка минатата недела, со воен авион полета за Окленд за да ја испита штетата.

„Ова е настан без преседан во последно време“, рече Хипкинс. Тој рече дека претстои големо чистење и ги советуваше луѓето да останат дома ако е можно.

Подобрувањето на времето може да биде краткотрајно бидејќи се предвидуваат пообилни дождови, предупреди премиерот на Нов Зеланд.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни