Свет

Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, заминува од функцијата за да му се посвети на семејството

Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, заминува од функцијата за да му се посвети на семејството

Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, ќе ја напушти својата должност на крајот на август, објави американскиот претседател Доналд Трамп. Ливит заминува за да поминува повеќе време со семејството и своите две мали деца, а Трамп ја опиша како една од неговите најдоверливи соработници.

Преку објава на мрежата Truth Social, Трамп порача дека во целост ја разбира и ја почитува нејзината одлука. Тој најави дека Ливит останува дел од неговиот политички круг како еден од главните надворешни советници и влијателен глас во Републиканската партија во пресрет на претстојните избори за Конгресот.

Најмладата портпаролка во историјата на САД

Ливит ја презеде функцијата во јануари 2025 година кога, со само 27 години, стана најмладата личност на оваа позиција во американската историја. Таа беше единствената портпаролка на Белата куќа за време на досегашниот дел од вториот претседателски мандат на Трамп.

Во мај годинава таа го роди своето второ дете. По враќањето од породилното отсуство, Ливит сфатила дека е речиси невозможно да се усогласат динамичните обврски во администрацијата со мајчинството.

„Не можам да бидам мајка каква што сакам и истовремено на оваа работа да ѝ го дадам целото време и енергија што ги бара“, напиша Ливит на мрежата Х, опишувајќи го заминувањето како „горчливо-слатка одлука“.

Остри судири со медиумите и контроверзни потези

Заштитен знак на Ливит за време на нејзиниот мандат беше бескомпромисната одбрана на Трамп и агресивниот комуникациски стил.

Еден од нејзините најконтроверзни потези беше одлуката Белата куќа да ја преземе контролата врз составот на новинарскиот тим што го следи претседателот — обврска која децении наназад ѝ припаѓаше на Асоцијацијата на известувачи од Белата куќа. Нејзиниот мандат го обележаа и вербални дуели со новинарите, како и правниот спор со новинската агенција Associated Press околу пристапот до претседателскиот авион.

И покрај контроверзиите, таа уживаше огромна наклонетост кај Трамп, кој во повеќе наврати јасно и јавно го фалеше нејзиниот деловен капацитет, нарекувајќи ја „неверојатна личност и една од најдобрите портпаролки во историјата“. Трамп сè уште не соопшти кој ќе ја наследи нејзината позиција во Белата куќа.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни